Ајде да научиме што е интелигенција

Поимот интелигенција често го користиме во разговорите. Многупати изјавуваме како некој бил интелигентен, потенцираме дека сме интелигентни, слушаме како некои имаат висок или пак низок степен на интелигенција… но дали знаеме што е тоа интелигенција?

Зборот интелигенција потекнува од латинскиот збор inteligere што значи да се разбере, сфати.

Интелигенцијата е капацитет на личноста да се однесува на одреден начин, успешно да се справува со предизвиците и да ги постигнува своите цели. Тоа е серија од вештини кои и овозможуваат на личноста да ги препознае и реши препреките од било кој вид, кои се јавуваат во животот.

Интелигенцијата е комплекс од многу различни способности и начини на мислење, како: способност за апстрактно мислење; способност да се разберат комплексни идеи; способност за брзо и успешно учење и стекнување на знаења; искористување на претходното искуството, способност за успешно прилагодување на промените во околината, што подразбира и успешно решавање на проблеми – пишува МЕНСА.

Во 1905 година францускиот психолог Бине и лекарот Симон го составуваат првиот научен тест за мерење на интелигенција, а денес постојат повеќе различни тестови на интелигенција, најупотребувани се: Равенови прогресивни матрици, Векслерова скала на интелигенција и Стенфорд – Бинет тест.

Тестовите на интелигенција треба да се употребуваат многу внимателно и само од стручно обучени лица. Како и да е, постојат многу фактори кои влијаат врз резултатите од тестовите на интелигенција

  • Моменталната состојба на индивидуата,
  • Ситуацијата,
  • Општествената средина,
  • Пошироката култура,
  • Нестимулативната средина влијае врз не искористувањето на наследните потенцијали,
  • Процесите на воспитување и образование имаат пресудна улога.

Интелигенцијата не е знаење, иако честопати се поистоветува со него и не го вклучува тоа колку си успеал во животот, колку си среќен или кој степен на образование си го завршил.

To Top