Дали Parkour ќе стане дел од Олимписките Игри?

Од Бојан Божиловиќ

Веќе е познато дека Летните Олимписки Игри во 2024 ќе се одржат во Париз, а со тоа и шансите за parkour да биде дел од нив се поголеми.

Со зголемувањето на популарноста, оваа активност, го привлече вниманието на Меѓународниот Олимписки Комитет и Меѓународна Гимнастичка Федерација, која што го воведе како нова дисциплина. Минатата година беше организиран FIG Parkour World Cup, во Хирошима и Монпеље, а за оваа година Parkour World Cup серијата треба да продолжи во Ченгду (Кина), Хирошима (Јапонија) и Монпеље (Франција).

Објавена беше и веста дека 8 судии веќе го завршиле дво-дневниот тренинг во пресрет на World Cup серијата. Покрај ова, во различни држави се организираат многу parkour натпревари и настани, а најголемиот натпревар во parkour, кој се одржува на годишно ниво е Red Bull Art Of Motion.

На ЛОИ кои ќе се одржат во Токио во 2020, ќе видиме 5 нови спортови.Тоа се: Сурфање,Скејтбординг, Спортско качување, Бејзбол и Карате.Првите 3 од овие спортови се модерни, интересни за младите генерации и динамични, па така можат да се најдат сличности меѓу нив и parkour.

Сепак и покрај овие факти,влегувањето на оваа дисциплина на Олимпијада има и критики од некои трасери(луѓе кои практикуваат parkour), кои сметаат дека parkour ќе го изгуби значењето доколку влезе во стандардна рамка на спорт, каде што ќе има натпреварувања, награди, медали… и дека parkour треба да остане каков што е. Така да има сигурно и позитивни и негативни страни доколку оваа активност стане Олимписки спорт, но со оглед на се поголемата поддршка, популарноста но и големиот број подржувачи за parkour да стане дел од Олимписки Игри, меѓу кои и Дејвид Бел, се чини дека шансите се големи оваа дисциплина да биде дел од ЛОИ во Париз во 2024.

Parkour е активност развиена во доцните 80ти во Франција, а за креатор се смета Дејвид Бел. Во почетокот многу малку се знаело за parkour но со текот на времето, преку медиумите, филмовите, како што се “Yamakasi” и “B13” а потоа и интернетот, оваа активност станува многу популарна.

To Top