Инстаграм почна да го мери степенот на зависност од него

Факт е дека модерниот човек за кратко време стана зависен од социјалните мрежи. Кај младата популација трендот на социјалните мрежи непрестано се шири. Тинејџерите најголем дел од слободното време го поминуваат на Instagram, Facebook…, но проблемот е во тоа што возрасните не можат да ја  контролираат нивната временска активност. Но и тој проблем ќе биде решен.

Instagram, Facebook, но и Google и Apple, сите во своите најнови верзии од производите почнаа да додаваат таканаречен „Time Well Spent“, односно „Digital Wellbeing“ дел. Овој дел, кој носи повеќе имиња, е дел од движење кое има за цел да ја намали зависноста на корисниците од технологијата, поточно од константното отворање на мобилните телефони и проверка на известувања, друштвените мрежи и слично.

Instagram од минатата и оваа недела, почна да ја пушта својата верзија од ова движење, па сега ќе може да видите колку минути во денот поминувате на оваа популарна друштвена мрежа.

До делот од апликацијата наменет за ова можете да дојдете преку притискање на вашата профилна слика во долниот десен агол, па притискање на хамбургер менито, односно трите линии во горниот десен агол. Тука ќе забележите дека стои „Your Activity“ копче кое ве носи до новиот дел.

Тука во централната позиција стои просечното време поминато на Instagram во изминатата недела, а со притискање и држење на секој ден посебно, можете да го видите времето за секој ден.

Подолу е поставена можноста да изберете колку време во текот на денот сметате дека би требало да поминувате на оваа друштвена мрежа, па Instagram ќе може да ве извести доколку дојдете до тој лимит.

Не само што родителите ќе имаат увид колку часови поминуваат нивните деца на социјалните мрежи за, туку и децата ќе можат да проверат дали родителите ја преминуваат границата.

To Top