Кристина Тасева редовно учествува на натпревари по информатика и реди успеси

Кристина Тасева е тинејџерка  талент за информатика, која има учествувано во многубројни натпревари  по информатика и има постигнато одлични резултати.

-Професорите имаат многу големо влијание врз учениците, а  мене на сите курсеви досега ми предаваа луѓе кои во минатото биле натпреварувачи и се искусни во она што сакаат да го пренесат, а покрај предавањата добивам совети и дополнителна помош, вели Кристаина.

Започнала да се натпреварува во шесто одделение, односно има поминато 4 циклуси на натпревари во Македонија (училишни, регионални и државни натпревари). Покрај тоа, два пати има учествувано на МГ Купот организиран од страна на Математичката гимназија во Белград, три години по ред на Јуниорската Балканска олимпијада по информатика ЈБОИ, а во последните две години и на Европската Јуниорска олимпијада по информатика. Досега има освоено неколку први и втори места на регионалните натпревари, втори и трети награди на државните натпревари како и еден бронзен медал на Балканијада.

На прашањето што следи понатаму  Кристина вели: „Овогодинешните натпревари завршија, така што чекаме да почне одново циклусот во февруари. Во меѓувреме секако следат подготовки, но исто така во план ми е да пробам и други видови на програмирање, освен натпреварувачкото.“

To Top