Македонија освои сребрен медал на Интернационалната олимпијада по информатика

Македонските средношколци Владимир Максимовски, Мартин Динев, Андреј Величковски и Филип Михов, предводени од лидерите, м-р Весна Димитриевска и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, освоија еден сребрен и еден бронзен медал на 30-тата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2018), која од 1-ви до 8-ми септември се одржува во Цукуба, Јапонија.На ИОИ 2018 учествуваат вкупно 335 ученици од 87 земји од целиот свет.

„Во ваква исклучително силна конкуренција, вториот сребрен медал во историјата за Македонија го освои Владимир Максимовски, додека бронзениот медал го освои Андреј Величковски. И останатите двајца наши натпреварувачи постигнаа забележителни резултати, при што Мартин Динев беше на дофат на освојување на бронзен медал, а од ова извонредно достигнување го делеа само десетина поени од можните 600“, стои во соопштението.

Здружението на информатичарите на Македонија посочуваат дека во текот на изминативе десетина години нашите претставници на ИОИ континуирано постигнуваат одлични резултати, освојувајќи медали речиси секоја година. Успехот оваа година, е значаен заради освоениот сребрен медал, кој е втор ваков медал во историјата на македонски учества на оваа олимпијада.

Според претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф.д-р Миле Јованов, здружението неуморно работи на промоција на натпреварите и информатиката како наука, селекција на најдобрите натпреварувачи и нивна подготовка за екстремно напредните содржини кои се дел од олимпијадата.

To Top