Најсилниот тинејџер во светот

Златниот медал на штотуку завршеното Светско првенство во пауерлифтинг во Јужноафриканската Република, на кое учествуваа преку 200 натпреварувачи, го освои младиот Сибирец од Краснојарскиот крај Семјон Дукшанин.

Семјон има седумнаесет години, живее во местото Боготоле, а се натпреваруваше во рамките на националната репрезентација во која го претставуваше својот Краснојарски крај. Тој во три дисциплини за натпреварувачи до 18 години и категоријата до 120 килограми вкупно подигна 780 килограми и освои 40 бодови повеќе од второпласираниот Чех. Трет беше натпреварувачот од Словачка.

Покрај главната награда, Семјон освои уште три медали – два златни во дигање од длабок чучањ и бенч и сребрен од мртво кревање, каде од него беше подобар Французинот Филип Постер.

На прашањето како успева да ги усогласи учењето во техничкото училиште и тренинзите, Семјон одговара „без проблем“.

„Тренирам трипати неделно, имам два тренинга дневно. А како постигнувам и да учам и да тренирам? Па, лесно. Наставниците имаат разбирање. Освен тоа, тренинзите се попладне“.

Сепак, тој признава дека се плашел каков резултат ќе постигне, со оглед на фактот дека радикалната промена на климата и долгиот лет негативно се одразиле на неговото здравје. Како што истакнува тој, победата ја должи на напорното петгодишно тренирање и добриот тренер Владимир Кортунов.

To Top