Реге музиката прогласена за светско културно наследство

Поради нејзините пораки за социјална правда, љубов и светски мир, УНЕСКО донесе одлука јамајканската национална музика реге да биде заштитена како глобално богатство и ја прогласи за светско културно наследство.

Реге музиката ја популаризираше Боб Марли, но таа продолжи да постои многу години по неговата смрт. Јамајканската национална музика шири порака за социјална правда, мир и љубов а УНЕСКО одлучи дека поради тоа заслужува да биде заштитена како глобално богатство.

Реге музиката се роди на сиромашните улици во Кингстон некаде околу 1960-тите и оттогаш им помага на луѓето кои бараат утеха од тешките времиња и ги развеселува оние кои сакаат заразен, нерамномерен ритам.

Со хитовите како „No Woman, No Cry“ и „Get Up, Stand Up“ родениот Јамајканец Боб Марли стана светска музичка ѕвезда и икона на реге музиката. Синовите на Марли, Зиги и Дамијан, ја продолжија традицијата и до ден денес го одржуваат реге ритамот насекаде низ светот.

„Нејзиниот придонес кон интернационалниот дискурс за прашања како неправда, отпор, љубови и хуманост е само дополнителна причина за реге музиката да биде сметана за голем елемент кон социо-психолошкото, сензуално и сипритуално живеење“, пишува во извештајот на УНЕСКО.

УНЕСКО е културна организација во рамките на Обединетите нации, која се грижи за зачувување на културното наследство во светот. На последниот состанок во Париз, членовите на UNESCO решија дека реге музиката ќе биде вметната помеѓу заштитените глобални богатства.

To Top