Студенти смислија градски систем на електрични велосипеди кои ќе го прочистуваат воздухот со филтри

Студенти смислија градски систем на електрични велосипеди кои ќе го прочистуваат воздухот со филтри. Студенти од Машинскиот факултет, со помош на својот професор одлучија да дадат свој придонес во решавање на проблемот со загадувањето. Изминатава година ипол тие работеа на проектот што го именуваа како „ГЕТ-Велосипед“.Целта е развивање на градски систем на електрични велосипеди кои ќе го прочистуваат воздухот со филтри, паралелно намалувајќи го бројот на автомобили во градскиот сообраќај.

„Фрустрацијата од состојбата со загадувањето е воедно засилена од „незаинтетесираноста“ за своеволна промена на навиките кај еден дел од граѓаните“, вели Филип Попоски, член на тимот. „Суштината е на локалните власти да им понудиме систем за еден вид на изнајмување на велосипедите. Овој систем во еден дел би наликувал на ЈСП. Разликата помеѓу овој систем и некои други постоечки системи е во тоа што овој систем нуди воедна голема флексибилност и ниска цена за изведба. Корисниците би го изнајмиле велосипедот од станица за велосипеди или од локацијата на која ќе го „пронајдат“ велосипедот. Ова изнајмување за почеток се одвива со скенирање на картички со кои може да се отклучи велосипедот. Кога корисникот го отклучи велосипедот, тој може да го вози до посакуваната дестинација. По завршувањето на употребата, корисникот го заклучува велосипедот, со што завршува возењето и наплатата на услугата. Тоа значи дека наплатата зависи од патот кој го изминал при возењето на велосипедот. Разликата помеѓу паркирање на велосипедот на станицата и на одредено растојание од неа, е во наплатата. Територијата на која се користи системот е поделена на неколку зони, поделени во однос на оддалеченост од станиците, во зависност од овие зони, се извршува различна наплата кај корисникот“, објаснува Попоски.„Самиот филтер материјал се вградува со посебни држачи на тркалото на велосипедот, а при самата ротација на тркалото го зафаќа и прочистува воздухот. Многу значаен аспект на овие филтри, покрај тоа што не трошат било каква енергија, е тоа што истите може да се монтираат на било кој велосипед, без разлика дали истиот е електричен или класичен“, појаснува Попоски.

Во развојот на нивната идеја најголема поддршка добиле од нивниот професор Иле Мирчески. Фондот за иновации и технолошки развој, пак, го награди нивниот труд во рамките на минатогодишниот „О2 Предизвикот“ .

To Top