Тео Китановски млад информатичар со меѓународни награди

Тео Китановски има учествувано на многу натпревари по информатика. Со програмирање се бави уште од осум годишна возраст, но започнал со натпреварување минатата година, во седмо одделение. Тогаш освоил прва награда на регионалниот и втора награда на државниот натпревар, а бил и во екипата за МГ Купот во Белград. Годинава има прва награда на регионалниот и државниот натпревар, и учествувал на МГ Купот (каде добил сребрен медал), на Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика (каде добил бронзен медал) и на Европската Олимпијада по Информатика. Исто така се натпреварува во математика, англиски и физика.

„Моите знаења ги имам стекнато од курсевите во Семос Едукација (почетните курсеви за C++ и подготовките за натпревари), од книги и видеа/туторијали на Јутјуб. Кај курсевите многу помогна што имавме добри професори кои детално можеа да го објаснат материјалот, да ја проверат нашата работа и да пренесат дел од нивните искуства. Книгите се исто така корисни затоа што во слеани поглавја се објаснуваат повеќе теми и многу ми помогнаа особено на почетокот, но сепак курсевите беа поефикасни. Јутјуб ми помогна кога сакав да проучам една конкретна работа, но тоа е далеку од курс или книга.“ – изјави Тео Китановски.

На прашањето што следи понатаму, кои се нивните нови предизвици и натпревари во најава, Тео вели: „Ќе учествувам на овие натпревари и наредната година, цел ми е на интернационалните натпревари да имам барем еден медал повисок од оние што ги добив годинава, но и да освојам медал на Македонската Олимпијада по Информатика на која што за жал овие две години не учествував. Информатиката, односно програмирањето е и мојата желба за професија во иднина, па затоа постојано работам на разни мои проекти од повеќе области. Моментално како највозбудлива и најинтересна област ја гледам вештачката интелигенција“.

За Македонија претставува огромен успех што млади и талентирани ученици редовно учествуваат на вакви престижни натпревари, и уште поважно, се враќаат со освоени медали.

To Top