Титулата ќе се решава на последното рели

Од Бојан Божиловиќ

WRC остава уште една добра сезона позади себе, со возбудливо, динамично натпреварување, адреналински моменти и забавни рели викенди, а особено важна година во историјата на овој регион, со релито кое се одржа во Хрватска. За жал немаше големо медиумско известување на овие простори во врска со овој настан, кој е огромен спортски настан и успех, за хрватскиот спорт, но и за регионот генерално, бидејќи учествуваа таму во организација и луѓе од другите екс југословенски држави и воедно после долго време еден вака голем настан од мотоспортот се случува на овие простори. Како и да е на една етапа пред самиот крај на оваа сезона, може да се каже дека беше добра година за WRC, особено после тешката 2020та.
На 19ти овој месец ќе се вози и пследното рели за оваа сезона, во едно историско место кога е во прашање мотоспортот,а тоа е Монца, Италија. Па да видиме и што не чека на последниот викенд за оваа WRC сезона.
Италија, односно Монца, за прв пат влезе во календарот на WRC минатата сезона, која беше многу оштетена од пандемијата, па така овој настан беше оставен за самиот крај, а тоа ќе биде така и оваа година,а се надеваме дека Монца ќе продолжи и понатаму во рели календарот односно дека ќе премине во редовен настан. За оние кои можеби не знаат, рели во Монца се одржува од 1978ма година, но станува збор повеќе за шоу, каде што се натпреваруваат професионални возачи но имаат земано учество и други спортисти како и луѓе од светот на забавата односно шоу бизнисот. Но од минатата година Рели Монца влезе официјално во календарот на ФИА Рели шампионатот, така да овој настан веќе има една сосема друга тежина сега. Инаку историски гледано имало промени на самите етапи, односно на подлогата на која се возело релито, а ќе ги видиме и етапите за оваа година, бидејќи има и некои промени од минатата сезона. Само да споменеме дека ланската победа овде ја однесе Ожие, со својата Тојота Јарис.
Генерално,на ова рели покрај возењето во легендарниот “Храм на Брзината”, односно Аутодромо Национале, автомобилите ќе се движат и низ Алпите, што го прави ова рели навистина посебно и уникатно,со комбинација од легендарната патека во Монца и оној интересен планински дел, каде што воедно имаа доста проблеми неколку возачи минатата година.
Првите етапи почнуваат во петок, односно на 19ти ноември, и тоа со планинските стази во Џероса и Коста Вале Имања, во убавите предели покрај езерото Комо. После тоа следуваат механичарските поправки и сервис,а потоа и ноќното возење на стазата Монца, вклучувајќи ги и познатите свиоци Лезмо и Ретифиљо.
Токму една од етапите во првиот ден, ќе биде и најтешка на ова рели, станува збор за патеката во Коста Вале, каде што автомобилите ќе се искачат на 1360м надморска висина, а најтешкиот дел следува во долгото спуштање низ тесната патека, а особено ќе биде уште посложено доколку временските услови се лоши, што може и да се очекува со оглед на периодот од годината. Тоа сигурно ќе донесе и атрактивно отворање на викендот, во комбинација и со ноќното возење. После овој прв ден возачите ќе имат поминато нешто повеќе од 106км.
Во сабота следуваат етапите во Сан Фермо и Селвино, и исто како и во првиот ден, ќе има ноќно возење, во втората од двете етапи во Роџиа, кои што ќе се возат попладне откако ќе биде извршен и сервисот на автомобилите.
Во недела, воедно и последниот ден на рели за оваа сезона, ќе започне со единствената етапа целосно на асфалт, по што ќе следуваат два стејџа во Сераљо, од кои втората ќе биде Power Stage. Кога станува збор за сервисниот парк, каде што ќе се вршат механичарските поправки, ќе биде во падокот на стазата во Монца.
Најголем фаворит за рели Монца е Себастјен Ожие, кој го доби минатата година но кој е и лидер во моментов на табелата со 204 поени. Покрај тоа и актуелен светски шампион. Оваа сезона одлично ја започна и уште на стартот по првите 6 релија оствари 4 победи, слободно може да се каже една доминација на стартот, поточно во целата прва половина од сезоната. Славеше во Монако, Хрватска, Кенија и Италија, тука станува збор за релито во Сардинија, а после она победничко рели во Кенија следуваше пад во формата односно на следните 5 настани, успеа само еднаш да заврши на подиум со третото место во Грција. Но доволна беше големата разлика од претходно, а од друга страна и Еванс и Невил имаа нестабилен, неконстантен перформанс со што разликата остана и до сам крај значителна, и имаше простор Ожие и да греши, а за тоа да не биде казнет. Па, моментално Невил е веќе надвор од конкуренција за прво место, единствено има шански Еванс кој има заостаток од 17 поени па ќе мора да атакува на првото место во Италија, надевајќи се дека Ожие нема да има така успешен викенд и дека ќе заврши под 6та позиција, што не е невозможно.Сепак, првенството е отворено и ќе се решава во самата завршница од оваа сезона, што го прави ова рели уште повозбудливо.
Во конкуренција на екипи, речиси сигурно е дека Тојота ќе ја однесе титулата, пред последниот настан води со 33 поени пред својот конкурент, Хјундаи. Можат и тоа како да бидат задоволни од тимот на Тојота, со тоа што оваа сезона најслабиот резултат на нивните автомобили беше петта позиција, а притоа победија на 7 настани, и со тоа што огромни се шансите повторно нивни возач да дојде до победата во Монца, тоа би биле 8/12 победи за Тојота и може да се каже доминација во 2021ва година. И за крај, околу Ожие да спомнеме дека 37 годишниот француски пилот, со евентуална одбрана на титулата ќе стигне до својот 8ми WRC трофеј, приближувајќи се на само еден разлика од својот сонародник Леб, воедно и најтрофејниот рели возач на сите времиња.
To Top