Торонто доминантен на домашен мраз

Од Бојан Божиловиќ

Во својот десетти меч оваа сезона, Торонто пред своја публика ја совлада екипата на Вегас, со убедливи 4-0 и со тоа запиша трета победа во низа и моментално се наоѓа на осмото место во Источната конференција.
Maple Leafs уште од самиот почеток на натпреварот беа подобриот тим, поагресивни и постабилни во својата игра, тоа го потврдува и статистиката од првата третина во која домаќинот имаше 13 удари кон голот, додека Вегас само 4 пати шутираше. Во првата третина беше и отворен резултатот, со фантастичниот гол на Марнер кој успеа, свртен со грбот кон противничкиот гол, со атрактивен потег да го надмудри Ленер и да го донесе Торонто во предност.
Овој резултат остана на семафорот се до третата минута од вториот дел кога Матјус го искористи моментот на power play и беше прецизен за дуплирање на водството. На самиот крај од втората третина, пакот уште еднаш се најде во мрежата на гостите и на пауза Торонто замина со убедлива и сигурна предност, во период во кој одново беше подобриот противник иако Knights веќе почнаа да се будат и да бидат поконкретни.
Во последниот период, Вегас доста поактивен, успеа да креира поголем број на шанси, а дури и статистички беа во предност, но Кембел не дозволи промена на резултатот и го заврши мечот со 26 интервенции односно 100% реализација. Па така, иако Вегас ја подобруваше својата форма во текот на натпреварот не успеа да дојде до гол, а дури ја загуби и последната третина бидејќи уште на самиот старт Нилендер го совлада гостинскиот голман од контра напад со што го постави и конечниот резултат. Торонто може да биде задоволен, после еден вака добар перформанс, сигурна и стабилна игра, речиси без грешки и ќе има можност да ја продолжи победничката серија, од друга страна Вегас има лош старт на сезоната со дури 5 порази во првите 9 кола.

 

To Top