Учениците не ја сакаат математиката

Најголем дел од учениците во Македонија имаат послаби резултати од основното ниво по математика, покажуваат резултатите од меѓународната студија за способностите и знаењата на учениците ПИСА. Во обемниот и некреативен наставен материјал, упатените гледаат дел од причините за слабите резултати.Некреативен и обемен материјал, кој на прво место ги става наставниците, а не учениците, е една од причините поради кои македонските основци покажуваат послаби резултати по математика во споредба со учениците од соседните земји и пошироко.

Директорката на основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Куманово, Марина Манојловска, вели дека наставните програми се обемни и бараат итно редуцирање на истите.„Математиката отсекогаш претставувала и товар на учениците, затоа што наставните програми не му дозволуваат на детето да биде креативно и да има инспирација да го засака предметот. Тука се и обемните наставни часови кои детето го оптоваруваат на шест години со пет часа. Секаде во светот, не постои оценување на децата до четврто одделение. Ние ги „убиваме“ со домашни работи, со работа на час, а тука гледам и недостаток кај наставникот. Се работи за мали деца кон кои треба да имате соодветен пристап за да го заинтересирате”, вели Манојловска.

Во инсистирањето на наставниците да се учат факти и теорија, наместо да се поттикнува критичното и креативно размислување за наученото, економските експерти ги гледаат причините за слабите резултати на македонските ученици на ПИСА истражувањата (Меѓународна студија која ги мери способностите и знаењата на учениците).

To Top