,,Хипи’’ најновата книга на Пауло Коелјо

Излезе од печат „Хипи“ – долгоочекуваната нова книга на миленикот на читателската публика Пауло Коелјо. Ова е дваесетта книга на Пауло Коелјо, најчитаниот и најпреведуваниот писател во светот, со над 225 милиони продадени книги, преведен на 80 јазици и објавен во 170 земји.

Во својот најавтобиографски роман досега, авторот ни раскажува за едно непознато поглавје од својот извонреден живот и го споделува со нас сонот на хипи генерацијата за послободен и помирен свет. Црпејќи од своето богато животно искуство, во овој роман Пауло Коелјо пишува за сонот за преобразба и пацифизам на хипи генерацијата од почетокот на седумдесеттите години на минатиот век.

Пауло е млад човек со долга коса што сака да стане писател. Бегајќи од воената диктатура во Бразил, тргнува на пат по светот во потрага по слобода и спиритуалност. Во Амстердам ја запознава Карла, млада Холанѓанка што го чека токму него за да тргне за Непал, најновата хит-дестинација на хипи племето, возејќи се со фамозниот Волшебен автобус.

Ова патување низ Европа ќе биде наедно и почеток на една исклучителна љубовна приказна и потрага по внатрешните вистини што ќе ги однесат нив двајцата, а и нивните сопатници, до прифаќање на еден сосем нов светоглед.

Со секоја своја страница „Хипи“ го внесува читателот во тие неповторливи години на радост и љубопитност. Години во кои навистина се верувало дека револуцијата може да се направи со цвеќе и дека соништата можат да се остварат.

To Top