Ќе успее ли Биното да го врати Ферари на стариот успех?

Од Бојан Божиловиќ

Оваа сезона Ф1 е повторно без неизвесност и во борбата за шампион кај конструкторите и помеѓу возачите.Мерцедес уште од самиот почеток ја наметна својата доминација и на 8 трки пред крајот се наоѓа на висока предност пред Ред Бул со 152 бода.Единствените моменти кога имаше возбуда беше втората трка на Силверстон, која го означи 70тиот роденден на Формула 1,каде што на првото место заврши Ферстапен по одличната стратегија на Ред Бул,а потоа и трката во Монца каде што за прв пат оваа сезона Мерцедес не успеа да се качи на подиум откако Хамилтон беше казнет со 10 секунди.Но и покрај надмоќта на Мерцедес,која сигурно никој не го изненади,она што никој не го очекуваше е дека Ред Бул и Ферари ќе бидат во ваква состојба.Легендарниот италијански тим има катастрофална сезона во која Фетел и Леклер едвај успеваат да влезат во Q3 и да дојдат до бодови на трките,а за тоа доказ се скромните 66 поени кои ги собраа досега.Но според изјавата на шефот на тимот,Матија Биното,на Ферари му треба време да се обнови.
Биното е во црвениот тим веќе 25 години и го знае добро периодот кога Жан Тот,Михаел Шумахер и екипата го реконструираа Ферари и го донесоа до шест шампионски титули во конструктори и пет индивидуални шампионски титули на легендарниот германски пилот.Биното токму ова го спомна во својата изјава велејќи дека искуството кое го има од тој период е многу важно во неговата кариера и дека тимот треба да биде трпелив и да оди чекор по чекор.”Мислам дека тоа што ни треба не е една победа,но да поставиме основа за нов циклус” вели Биното.Иако некои луѓе сметаат дека  треба да го напушти тимот,директорот на Ферари,Луи Камиљери ја дава својата поддршка за актуелниот шеф на екипата.
Со тоа што е очигледно дека ќе остане на својата сегашна позиција,Биното вели дека дури во 2022 треба да се очекува нешто од Ферари односно дека тоа ќе биде нивната “најважна шанса”,година во која ќе бидат воведени новите правила,додека за 2021 вели дека се надева на подобар перформанс од оваа сезона.Дали Биното ќе успее со својата тактика да го врати Ферари каде што беше пред 16 години,и да го повтори успехот на Жан Тот и екипата или да го донесе тимот барем блиску до тоа ниво останува времето да покаже.
To Top