13 знаци кои укажуваат на тинејџерска депресија

Депресијата е болест на современото општество, која не бира пол и возраст, а последните податоци говорат дека секој треба да биде информиран за неа. Се проценува дека во Македонија околу 200.000 луѓе страдаат од депресија. Депресијата не ги поштедува ни помладите.

Тинејџерските години се емоционална бура. Среќните периоди се чести, но не се ретки и миговите на тага и очај. Депресијата во пубертетот често минува незабележана од родителите кои мислат дека промената во однесувањето е само лош период кој ќе помине. За жал, депресијата е многу повеќе од само лош период. Таа може да доведе до сериозни последици – проблеми дома или во училиште, употреба на дрога, омраза кон себе, насилство итн.

Со цел да се избегнат несаканите последици, потребно е навреме да ги препознаете предупредувачките знаци на тинејџерската депресија.

Знаци кои укажуваат на тинејџерска депресија

Раздразливоста, тагата, промените во навиките на спиење и хранење, лутината и ниската самодоверба се типични за младите кои минуваат низ пубертет, па тешко е да се утврди во кои случаи всушност се работи за депресија.

Симптомите кои не исчезнуваат со седмици или месеци и влијаат врз нормалното функционирање на  најчесто сигнализираат депресија. Еве некои од симптомите и знаците кои се карактеристични за депресивен тинејџер:

  1. Постојано е тажен и раздразлив, и тоа не само кога контактира со родителите, туку и со пријателите. .
  2. Покажува лутина и агресивност, дури и кога не е испровоциран.  Често плаче без да може да каже која е причината за солзите.
  3. Наеднаш се влошува неговиот успех на училиште.  Често ве замолува да го ослободите од часови со изговор дека го боли стомакот и главата.
  4. Губи интерес за неговите хобија.
  5.  Покажува незаинтересираност за забава и дружење.
  6. Губи апетит и драстично слабее или се храни основно со брза храна и нагло се дебелее.
  7.  Доминантни чувства на беспомошност и бесполезност, ниска самопочит
  8. Има недостиг на енергија и постојано се жали дека е истоштен.
  9. Нетипични бавни движења и забавено зборување.
  10.  Инсомнија, предолго спиење, спиење во невообичаен период од денот.
  11.  Пуши, употребува алкохол или опојни дроги.
  12.  Зависност од интернет.
  13.  Има песимистички и суицидни мисли.

Споменатите знаци на тинејџерска депресија треба да се разгледуваат внимателно за да не бидат погрешно протолкувани. Повеќето од нив се карактеристични за нормалниот развој и однесувањето на адолесцентите.

To Top