Cosplay- несекојдневно хоби

Не е можно да не се забележи растечката популарност на Cosplay секаде во светот. Cosplay потекнува од Јапонија, а е инспириран од фантастичните или неверојатно реалните ликови во Јапонските стрипови – манга, анимации – аниме и видео игри.

Cosplay претставува вид на маскирање, во кое човекот кој го прави тоа носи некое препознатливо одело на некој лик или идеја, со цел да го прикаже тоа во перформанс кој всушност не се изведува на сцена. Понекогаш се собираат и поголеми групи на cosplayers кои се облекуваат тематски, со цел да покажат некоја цела група или идеја.

Луѓето коишто се занимаваат со Cosplay често се фотографираат и ги споделуваат своите слики онлајн, здобивајќи се притоа со голем број на фанови. Тие исто така учествуваат на разни натпревари и собиранки, особено доколку тие се во духот на Јапонската култура, односно доколку се однесуваат на аниме и манга. Во последниве неколку години, cosplay на ликови од популарни книги или серии е исто така актуелно.

Cosplay не е едноставно и спонтано хоби, напротив, тоа бара многу внимателност и планирање, а во зависност од личните избори, може и да биде скапо, доколку, на пример, се купуваат специјално направени костими за обожуваните ликови или пак предмети по кои тие се карактеристични. Сепак, за вистинските обожаватели cosplay претставува одлична можност тие да бидат близу до своите омилени фиктивни ликови, па дури и „во нивна кожа”!

To Top