Родители раскажуваат слатки маки: Aна Голејшка Џикова #Надјегдота

Ана Голејшка Џикова е македонска поетеса, #ТвитерМама, позната во јавноста по нејзините активности во иницијативата #РетвитниОброк. Таа, воедно е и првата која реши да ги раскаже своите слатки маки во кампањата на Cunga Lunga насловена #БонбонаНаМама.
Кампањата ќе трае еден месец, започна средината на август и ќе трае до средината на септември.
„Идејата е, најпрво искуства да споделат личности, што се интернет популарни и се надеваме дека тоа ќе охрабри многу мајки, да ни пишат во коментари нивни искуства. Доколку имаме такви коментари, ќе објавиме збирка од најдообрите искуства како статија. Најинтересните искуства што ќе бидат објавени, ќе бидат и наградени.“ – изјавија од Cunga Lunga.
   ,,Родителството значи да си во хаосот на љубовта, сосе сите нејзини шашави страници, како дел од една голема книга, со поглавја што допрва треба да се пишуваат. По една година родителствување, сфаќам дека главата ми е полна со прашалници и извичници за кои немав поим дека постојат! Дека едно големо ,,НЕ!’’ стои залепено на сите штекери и вратата од машината за перење. Дека милион и едно лигавче ќе се сушат на августовското сонце, сосе нашите костими за капење… Дека фрижидерот сега е секогаш полн со свежи намирници. Дека одговорноста е како ѕвонче на влезната врата. Не знаеш следно што ќе заѕвони. Но, кога ќе стивне сѐ, радоста е она што лебди и се лепи за нашите образи. Мирното спиење, па кенкање во сон, па истурените играчки насекаде… И некои ситуации кои мислам дека нема родител што не го натерале да се фати за глава! 🙂 ,, – вака Голејшка ја долови бурата од емоции која доаѓа на постапалчиња и почна да ни раскажува за лудориите на нејзината #Бонбона.
Чунга Лунга преку оваа кампања отвара можност, да се изгради платформа „од родители за родители“, која е повеќе од потребна
    ,,Како релативно тазе родител, сметам дека голем број од работите што ги имам научено и згрешено во врска со своето дете, се едноставно инстинкт помешан со сите претходни и тековни сознанија плус совети од педијатар. Значи микс од различни извори. Македонскиот интернет простор има различни содржини и платформи со кои се служам, но во насока на подобрување на нашите знаења, мислам дека се потребни часови за родители, не само мајчински форуми, (феноменот mamicki), туку двајцата родители да бидат од старт вклучени во секоја фаза од развојот на децата. Значи, часови за родители, за посреќни деца.” – изјави Ана кога ја прашавме дали македонскиот интернет простор е богат со содржини што им помагаат на родителите.

Прочитајте ја анегдотата на Ана – ,,Надјегдота” и кажете ни ги вашите комични искуства, ве очекуваме! 🙂

Имавме гости и детето нормално, ги извади сите сликовници на подот. Кога гостите си  заминаа, тотално не’ мрзеше да собереме се’ и хаосот остана да си царува среде дневната соба.
Заспавме слатко. За кратко.
Се разбудив среде ноќ жедна и тргнав кон кујната да си наполнам чаша вода. Погодувате, морам да поминам и низ дневната, заборавајќи што се’ има долу. Се разбира, налетав директно врз една од звучните сликовници, врз опашката на еден страшен лав. Лавјиот рев одекна низ собата и ќерка ми рипна од сон и таа му возврати. Супер. Сега ќе седиме будни и ќе р’жиме до зори. За среќа, детето заспа набрзо, а јас среде темници ги собирав сликовниците и играчките, да не случајно разбудиме и некоја горила…”
To Top